Прикажување на театарска импровизација – „Импровокација“

Охридскиот народен театар на 25ти февруари ќе ја прикажува театарската импровизација „Импровокација“, која ќе ја изведат охридските актери Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски.

За „ИМПРОВОКАЦИЈА“ не може да се зборува додека не се одговори на прашањето: што е тоа театарска импровизација? Театарска импровизација, или скратено „Импров“, е форма на театар каде што заплетот, карактерите, дијалогот и приказната се измислуваат и играат во истиот момент од страна на актерите, според претходно зададени задачи и сугестии од публиката. Во „Импровот“ актерите и публиката се тим кои што заедно креираат за да го достигнат театарскиот „момент на вистина“, односно финализираниот продукт. Тој продукт живее само еднаш, т.е. кога веќе ќе се изигра сцената повеќе не се повторува. Затоа секоја претстава е уникатна и единствена сама по себе.

Театарската импровизација „ИМПРОВОКАЦИЈА“ е ко-продукциски проект помеѓу Н.У.Ц.К. „Григор Прличев“ – Охрид и тројцата професионални актери Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски. Ваквата форма на театар за прв пат се воведува во нашата земја па дури и во регионот. Целта на „ИМПРОВОКАЦИЈА“ е преку еден неформален и забавен начин да ја демистифицира магијата на создавање театарски игри (сцени) за да го доближи театарот што повеќе до пошироката публика, независно од возраста. Театарската импровизација „ИМПРОВОКАЦИЈА“ е спонтана, забавна и смешна, но како сите други работи треба да се види и доживее за да се ужива во неа.

Билетите за претставата во Music Shop ZZ-Top

ПреТпродажба: 150 ден

На ден на изведба : 200 ден