Известување за интегрална евалуација на Охридската гимназија

Согласно Годишната програма за работа на Државниот просветен инспекторат при Министерство за образование и наука – Скопје, на 29 февруари, 1, 2 март 2016 година ќе биде извршена интегрална евалуација на ОСУ„Св.Климент Охридски“ – Охрид, од тим на државни просветни инспектори.

Интегралната евалуација што ја спроведува Државниот просветен инспекторат на Република Македонија има за цел да осигури дека работењето на училиштата е во согласност со законските прописи и да извести за квалитетот и ефикасноста на образовните процеси во училиштето.

„Се надеваме дека преку процесот на евалуација ќе се постигнат и други цели. Тие може да вклучуваат: јакнење на капацитети на училиштата за само-евалуација и развојно планирање, поттикнување на училиштата да водат добра евиденција и документација, и стимулирање на родителите, Училишниот одбор и локалната и деловната заедница да дадат поголема поддршка на училиштето и учениците. Крајната цел, секако, е да се подобрат искуствата од учењето и резултатите на младите луѓе во Република Македонија.“- информираат од Гимназијата.

Процесот на евалуација ќе биде отворен и транспарентен, како и детален и со ‘добронамерни критики’. Исто така, инспекторите ќе ги идентификуваат и добрите пракси во училиштето, ќе дадат коментар за тоа кои се слабите страни или во кои аспекти работата на училиштето не е во согласност со законските прописи. Процесот за евалуација се заснова на професионален дијалог меѓу вработените и инспекторите. Во текот на евалуацијата ќе се одвои време за директно следење на учењето и наставата (барем 20% од целото време што треба да се помине во училиштето), на интеракцијата меѓу учениците, вработените и другите вклучени страни и за детално разгледување на релевантната училишна документација. При секоја интегрална евалуација целосно се зема предвид гледиштата на сите страни што се вклучени во работата на училиштето преку анализа на прашалници со кои се прибира мислењето на учениците, родителите и вработените и преку посебни состаноци со тие вклучени страни. Инспекторите ќе ги земат предвид и контекстот и природата на училиштето, како и потребите на учениците. По завршување на интегралната евалуација, процесот продолжува преку контролни инспекции што инспекторите ќе ги спроведат околу шест месеци по објавување на извештајот за училиштето.