Чавков: Огромен број приватни разговори одамна се препродадени во Kосово и Србија

„Има компромитирачки снимки за вас, ќе платите или ќе бидат објавени?“ Вака некако веќе некое време биле уценувани неколкумина политичари и бизнисмени од страна на македонското криминално подземје поврзано со СДСМ, но и надвор од земјава, тврди за „Дневник“ заменик-министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.

„Извесно време одредени лица, пред с`, политичари и бизнисмени, но и други граѓани, се објект на директен напад од поединци во македонското криминално подземје блиски до СДСМ, им се покажуваат компромитирачки приватни снимки и им се изнудуваат пари, во спротивно заканата е дека ќе бидат јавно објавени, но и други последици“ – објаснува Чавков нагласувајќи дека за сето ова постојат сигурни докази.

Внимавајќи што открива за да не наштети на истрагата, тој наведува дека станува збор за работи за голем обем на снимки кои потекнуваат од бомбите на опозициската партија, а главниот трговец со нив е токму Захир Бекири – Чауш.

„Огромен дел од нив е размножен и раширен во македонското криминално подземје. Но, уште поголем проблем е што истите се продавани на криминалци и во Kосово за одредени суми. И не само Kосово, туку од многу поодамна се продавани во Србија. Директна комуникација оттаму овие структури имале со сопственикот на еден портал во Србија, со цел политичка конфронтација со одредени лица“ – вели заменик-министерот.

Инаку, претходно, во интервјуто за емисијата „Пулт“ на Радио Слободна Македонија, Чавков потенцира и тоа дека е загрижен што лицата кои се предмет на уцени и изнуди не поднесуваат пријави.

„Тоа претставува индикатор дека во иднина некој може правдата да ја земе во свои раце. Засега немаме конкретни пријави од лица, но, според нашите сознанија, постојат конкретни лица што биле предмет на изнуди и закани од лица од криминалната структура на Чаушот, но и лица надвор од таа криминална група, што значи дека со овие материјали располага неопределено широк круг лица од подземјето“ – нагласи тој.

Според Чавков, првичните информации се дека се одземени хард диск и УСБ. Хард дискот, вели тој, е бекап на она што и претходно го имал Чаушот, односно си направил копија.

„Според информациите, хард дискот е креиран во Социјалдемократскиот сојуз, таква е назнаката на самиот фолдер. Уште повеќе загрижува што се пронајдени комуникации на УСБ, кои ги нема на другиот хард диск, а истото е снимано на почетокот на годината, по предавањето на нeзаконски прислушуваните разговори до специјалното обвинителство и по приведувањето на Захир Бекири “– додава Чавков.

Завчера во полициска акција по барање на Јавното обвинителство беа приведени неколку лица и претресени седум локации каде што се запленети оружје, машини за изработка на фалсификувани документи, УСБ и хард диск со приватни разговори.