Голем број пријатели и љубители на ликот и делото на Бранко Ѓорчев синоќа дојдоа да му оддадат почит на актерот гениј. Меѓу присутните беа и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, семејството на Ѓорчев, многу негови колеги и театарџии.
Приредувач и автор на монографијата е театарската критичарка Лилјана Мазова, која преку спој на повеќе есенцијални елементи успеала да направи една симбиоза и прецизно да ги соедини сите текстови на актери, режисери и писатели во една целина.
Она што ја прави репрезентативна оваа монографија е снимениот ДВД-материјал кој ретроспективно ни ја доближува богатата актерска личност на Бранко Ѓорчев.
Директорот на Драмскиот театар Роберт Велјановски рече дека Ѓорчев е исклучително плоден уметник со специфично креативен актерски потенцијал.
Актерот Драган Спасов-Дац го поздрави својот колега и другар со писмо, а директорот и режисер Дејан Пројковски сподели неколку случки преку кои ни ја долови неговата слика за тоа како го доживувал актерот и пријател Бранко Ѓорчев.
Венко Андоновски направи целосна анализа на монографијата и заклучи дека најдобрата дефиниција и карактеристика која е директна асоцијација на Бранко Ѓорчев е зборот АКТЕР.
Бранко Ѓорчев на македонската театарска сцена беше присутен повеќе од 30 години, со исклучително плоден и специфичен креативен, длабок и траен актерски израз. На тетарската сцена одигра 56 лика, а на филмското платно оживеа 26 улоги.
Бранко Ѓорчев беше уметнички директор (2000-2002) и директор (2006-2013) на Драмскиот театар, предаваше ораторство на Правниот факултет и на Универзитетот ЕСРА, добитник е на повеќе театарски награди и признанија,меѓу кои и на државната награда „Св. Климент Охридски“.