Работилница „Планирање на сценарио III“ – продолжување на развојот на цивилно – воените капацитети за одговор на катастрофи

Развојот на сценарио за одговор во случај на земјотрес и поплава, со акцент на важноста и улогата односите со јавноста и глобалниот информациски систем во справувањето со овие непогоди е целта на неколкудневната работилница „Планирање на сценарио – Фаза III“ која од денес се одржува во Домот на АРМ.

Работилницата организирана од Секторот за цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана и Инженерискиот корпус на Армијата на САД претставува продолжение на претходните две работилници, односно Фаза I и Фаза 2 кои се реализира во текот на 2015 година. Преку овие работилници се подобруваат цивилно-воените капацитети за планирање одговор при катастрофи, а се развива и вежбовно сценарио за реални настани кои би ги подобриле националните агенциски и меѓуагенциски увежбувања.

На работилницата учествуваат претставници од повеќе институции и агенции од Република Македонија, меѓу кои Министерството за одбрана и АРМ, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерствата за внатрешни работи, надворешни работи, здравство, финансии и други. Дел од работилницата се и претставници и од Управа за хидрометеоролошки работи, Сеизмолошката опсерваторија, Црвениот крст на Република Македонија и Воената академија, додека од САД учествуваат претставници на Инженерскиот корпус на Армијата на САД и на Федералната агенција за менаџирање со итни состојби.