Папата Францис награден за промовирање на европските вредности

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Францис, е добитник на овогодинешната награда „Карло Велики“ за вложените напори во промовирањето на европските вредности на мирот, толеранцијата, сочувството и солидарноста“.

Годинешниот лауреат испрати порака на надеж во која се повикува Европа на поголемо единство и солидарност.

Претседателите на Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет, Жан-Клод Јункер, Мартин Шулц и Доналд Туск, учествуваа на церемонијата на доделувањето на наградата во Ватикан и самите како претходни добитници на истата.

Пред церемонијата на доделувањето, папата Францис одржа миса во базиликата Свети Петар, на која присуствуваа тројцата претседатели.

79-годишниот папа Францис, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, е поглавар на Римокатоличката црква и папа од 13 март 2013 година. Тој е 266-от папа на Римокатоличката црква.

Инаку, наградата „Карло Велики“ ја доделува германскиот град Ахен од 1950 година за придонес кон европското единство.