ФФМ донираше спортска опрема за 115 екипи во младинска конкуренција

Фудбалската федерација на Македонија им донираше опрема (спортска опрема и фудбалски топки) на екипите од Супер и Првата лига (пионери, помлади пионери, кадетска и младинска конкуренција). Во просториите на „Куќата на фудбалот“ донација примија претставници на 115 екипи кои се натпреваруваат во системот на Фудбалската федерација на Македонија.

„Фудбалската федерација на Македонија повторно го помага развојот на младите категории. Помошта во вид на спортска опрема е многу важна и е од голема помош за екипите и за родителите на децата кои тренираат“, – истакна Драган Иванов од ФК Силекс.

Координаторот на младинските категории во ФК Брегалница, Драган Христовски вели дека донацијата на спортска опрема е од големо значење за клубовите.

„Реално помош во вид на донација е од огромно значење за сите екипи. Особено за ФК Брегалница, каде младите категории не влегуват во системот на спонзорирање“, – истакна Христовски.

„Нека се радуваат децата. Сите млади дечиња со голема радост ја очекуваат опремата, неколку денови само за тоа зборуваат. Благодарност до Федерацијата“, – вели Скендер Исмаили од ФК Ринија.

„Голема благодароност до Фудбалската федерација на Македонија. Грижата за младите фудбалери е основа за светла перспектива на секоја екипа. Донираната опрема и фудбалските топки се голема помош за сите нас, а ние како екипа ќе продолжиме да се грижиме за младите фудбалери и ќе бидеме фокусирани на талентите“, – истакна Суљо Алијовски од ФК Шкупи.