Заменик- министерот Максути го отвори состанокот на Директорите за одбранбена политика на САД-Јадранската повелба

Денеска во Скопје, заменик-министерот за одбрана, Беким Максути го отвори состанокот на Директорите за одбранбена политика на земјите-членки и земјите-набљудувачи на САД- Јадранската повелба во А-5 формат.

На состанокот присуствуваат Директори за одбранбена политика на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија, Словенија, Косово и Соединетите Американски Држави.

„Водени од нашите аспирации да бидеме дел од големото евро-атлантско семејство, НАТО-Алијансата, ние имаме обврска да направиме напори за уште поголема и подлабока соработка во областа на одбраната“, рече заменик-министерот Максути на состанокот. Порача дека заедничкиот успех и промовирањето на соработката е добитна комбинација за мирот и стабилноста во целиот регион.

„Ние сме среќни за достигнувањата на сите земји во регионот, и во тој контекст мораме да продолжиме да соработуваме. Оваа иницијатива се докажа како одличен пример за соработка во сите области вклучувајќи го и заедничкото учество во мировни мисии“, рече Максути. Тој ги спомена заедничкото учество комбинираниот медицински тим во формат А-3, како и учеството на инструктори во Воено-полициското школо на Авганистанската национална армија во формат А-5 во мисиите ИСАФ и, подоцна, „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

Политичките директори на состанокот ќе разговараат за деталите за претстојните состаноци на ниво Министри за одбрана и началници на Генералштаб кои ќе се одржат годинава во Република Македонија. На состанокот ќе стане збор и за идните можни заеднички учества во мировни операции, како и за мрежата на регионални центри како Регионалниот центар за односи со јавноста во Македонија, РАКВИАК во Хрватска, Тренинг-центарот за нуклеарно-хемиско-биолошко оружје во Србија, Тренинг-центарот за мировни операции во БиХ и Тренинг-центарот за пилоти на хеликоптери во Црна Гора.