Селекторот Јаневски го објави списокот за пријателскиот натпревар со Бугарија

Селекторот на Фудбалската репрезентација на Македонија Чедомир Јаневски го објави списокот на играчи на кои ќе смета за пријателскиот натпревар со Бугарија, кој ќе се одигра на 14 август во Скопје. Со оглед на тоа дека се работи за последна проверка пред квалификациските натпревари во септември, Јаневски се одлучи на проверени имиња, a за прв пат на А селекцијата и се приклучува Давид Бабунски од Барселона. Од домашното првенство е повикан најдобриот стрелец од минатата сезона, Јован Костовски од Вардар.

“Ова е последна проверка пред квалификациските натпревари со Велс и Шкотска во септември, затоа иако сега е припремен период во сите клубови, се одлучив да повикам играчи кои имат минутажа и се активни во своите клубови. Овој натпревар не е за да експериментираме како што направивме со Шведска и Норвешка во јуни, затоа треба да го сфатиме многу сериозно. Повикав 18 фудбалери и 3 голмани. Исто така имав контакти со сите играчи што ги променија клубовите или што се на позајмица. Побаравме контакти заедно со техничкиот секретар Марио Ѓурчиновски и со сите играчи остваривме контакти освен со Горан Попов кого не успеавме да го добиеме и покрај сите наши напори, за што многу ми е жал. Сите играчи ни се добро познати, а има и млади меѓу кои и дебитантите Давид Бабунски и Стеван Спировски кој се враќа во репрезентација. Од домашниот шампионат е повикан Јован Костовски. Се надевам дека сите сериозно ќе го сфатиме овој натпревар и не очекувам само добра игра, туку и добар резултат кој би значел многу за да се подигне самодовербата пред квалификациските натпревари што не очекуваат во септември” – изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Чедомир Јаневски.

Голмани

Томе Пачовски  (Мехeлен-Белгија)

Кристијан Наумовски (Динамо Б.-Романија)

Дарко Тофилоски (Кошице-Словачка)

Одбрана

Александар Тодоровски (Штурм-Австрија)

Даниел Георгиевски (Стеауа-Романија)

Стефан Ристовски (Латина-Италија)

Николче Новески (Мајнц-Германија)

Ванче Шиков (Волин-Украина)

Даниел Мојсов (Бран-Норвешка)

Даниел Ивановски (Мјалби-Шведска)

Среден ред

Остоја Стјепановиќ (Висла Краков-Полска)

Стефан Спировски (Борац Чачак-Србија)

Никола Глигоров (Кхазар Ланкаран-Азербејџан)

Давид Бабунски (Барселона Б-Шпанија)

Напад

Александар Трајковски (Зулте-Белгија)

Агим Ибраими (Марибор-Словенија)

Иван Тричковски (Беверен-Белгија)

Мирко Ивановски (Астра-Романија)

Горан Пандев (Наполи-Италија)

Адис Јаховиќ (Вил-Швајцарија)

Јован Костовски (Вардар-Македонија)