Светски ден на аудиовизуелното наследство во Кинотека на Македонија

Кинотеката на Македонија денес од 11 до 14 часот ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, учениците, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани, а по повод 27 октомври, Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.

Во Кинотеката денес ќе биде прикажан и филмот „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков од 1923 година, еден од најстарите и најзначајните историски филмски документи од архивата на Кинотеката. Предавање за филмот, ликот и делото на Арсениј Јовков ќе одржи д-р Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката.

Годинешново мото под кое светските филмски архиви, музеи и институции го одбележуваат Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е „Откриј, запомни и сподели“.

Претставници од Кинотеката на Македонија, вчера и денес учествуваат на меѓународната конференција за Хрватското филмско наследство што се одржува во Државниот хрватски архив во Загреб. М-р Игор Старделов, виш филмолог, говори на панел-дискусијата насловена „Предизвиците на дигитализацијата: онлајн достапност и дигитално зачувување на филмското наследство, идентификација и каталогизација“, додека Владимир Ангелов, виш филмолог и в. д. директор на Кинотеката на Македонија говори на тема „Меѓудржавни и меѓународни соработки за заштита на филмското наследство“. Претставник, пак, на Управата за културно наследство на РМ, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, учествува на панел-дискусијата „Европски искуства и практики во зачувувањето на филмското наследство.“

Од Кинотеката информираат дека во Загреб во моментов се врши и финалната контрола на дигитализираниот опус на Бранко Гапо, најпродуктивниот режисер на играната продукција во Македонија. Неговите филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Најдолгиот пат“, „Истрел“, „Македонска сага“ и „Време,води“, до крајот на годинава ќе бидат издадени како дигипак комплет и ќе бидат достапни на македонската јавност.