Против Полска со фудбалери од домашното првенство

Македонската фудбалска репрезентација на 14 декември во турската Анталија ќе одигра пријателски натпревар со селекцијата на Полска, последен за нашата репрезентација годинава.  Во составот на селекторот Чедомир Јаневски се  19 фудбалери од националното првенство и интернационалците Кристијан Наумовски од Динамо Букурешт и Даниел Мојсов од Војводина. Полска, исто така ќе тестира фудбалери од домашниот шампионат.

“Оваа репрезентација ќе биде мотив повеќе за сите фудбалери кои настапуваат во Македонија да видат дека не се заобиколени. Гледавме долгорочно кога ги одбиравме потенцијалните репрезентативци од домашниот фудбал. Не се повикани фудбалерите само за овој натпревар. Ќе има и други контроли, но и ќе бидат следени во своите клубови, за да не убедат во нивните вистински можности и да одбереме нови репрезентативци за поголема конкуренција, изјави Јаневски на прес конференцијата.

Директорот на репрезентацијата, Петар Милошевски, информираше дека собирот на репрезентативците е в недела по одигрувањето на последниот првенствен круг од есенскиот дел. Македонската репрезентација за Турција заминува во понеделник. Натпреварот се игра в петок во 17.15 на стадионот “Мардан“.

Македонија и Полска имаат одиграно два пријателски натпревари, во Сплит, на “Трофеј Марјан“, Полска победи со 3-0, во Штутгарт одигравме 1-1.

извор: ФФМ