„Денес Македонија имаше тежок, но и важен ден. Денес бевме сведоци на првиот неуспешен насилен обид за рушење на демократските институции и легитимно избраната власт на слободни и фер избори пред само година и половина“. – вака вечерва го започна своето обраќање пред нацијата, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.
Тој истакна дека приказната за буџетот беше само параван на Бранко Црвенковски кој ја започна неговата последна лична битка за преживување во политиката. Откако претходно не ја добил довербата на мнозинството граѓани и претрпел изборен пораз, откако граѓаните на слободни избори не му дозволиле повторно да се врати на власт по легален пат, тој се определил за насилство, ставање во ризик на државата, на неговите приврзаници од неговата партија и демократските институции.
„На Бранко Црвенковски денес му се спротивстави народ. Поделени во две групи, имаше најмалку три пати повеќе граѓани кои излегоа да му се спротивстават. На Бранко му се случи народ!!! Така е тоа кога во демократска држава некој ќе се обиде да освои власт со насилство и без поддршка на граѓаните, на слободни и демократски избори“. – рече Груевски.
За приказната дека земјата се презадолжува и дека одиме кон грчко сценарио, Груевски рече дека тоа е дел од манипулациите на овој вешт во манипулирањето со луѓе транзиционен политичар.
„Но, едно е јасно, врвот на СДСМ оди по грчко сценарио. Македонија останува и понатаму како земја која е една од поуспешните во справувањето со негативните ефекти од европската должничка криза. Ова не се само мои констатации, туку и констатации на меѓународните финансиски институции, како Светската банка и ММФ. Ако тие не мислат така, ниту ќе говорат така, ниту пак ќе и даваат поддршка на земјата преку екстра поволни финансиски аранжмани. Ниту пак Европската комисија би дала така позитивен извештај ако нема дебел основ за тоа.“ – потенцираше Груевски.
„Ние знаеме што правиме и немаме намера никому да наштетиме. Ќе продолжам да работам на она за кое сум дал збор пред Вас. Јас не сум човек кој лесно дава збор, но кога ќе го дадам стојам зад него и се борам до последен атом да го исполнам“. Со овие зборови претседателот на Владата на РМ, Никола Груевски го заврши своето обраќање кон целата јавност.
WebOhrid