Илјада деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на специјален додаток во јануари ќе можат да одат на бесплатен зимски одмор на товар на државата.
Реализацијата на оваа мерка, како што појасни на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, е овозможена со навременото донесување на буџетот за наредната година, во кој биле испланирани и средства за испраќање на децата на зимски одмор во висина од 8 милиони денари.
„Донесувањето на Буџетот за 2013 за нас беше особено значајно за реализиација на овој проект. Доколку не се донесеше Буџетот постоеше ризик тој да се реализира бидејќи се финансира врз основа на посебна програма која ја донесува Владата, која пак, како и секоја друга, се донесува откако ќе биде изгласан Буџетот“, рече Ристовски.
Оваа мерка, додаде тој, е доказ дека Владата работи посветено на унапредувањето на економско-социјалната состојба на децата во социјален рзик, водена, како што истакна, од верувањето дека секое дете треба да има можност да ужива во благодетите на летниот или зимскиот одмор.
Изборот е направен од децата кои биле пријавени на повикот кој на 3 декември Министерството за труд и социјална политика го објави на својата веб страница, на МРТВ и во центрите за социјални работи. Повикот се однесува на деца родени во период од 1998 до 2003 година, редовни ученици.
Децата, појасни Ристовски, ќе бидат поделени во три групи. Првата група од 400 деца ќе оди на зимување од 2 до 8 јануари, втората од 8 до 14, и третата од 14 до 20 јануари. Децата ќе одат на зимување во одморалиштето во Пелистер во Битола или во Бунец во Маврово. Превозот до и од одморалиштата ќе биде организиран од Министерството за труд и социјална политика.
Министерот Ристовски појасни дека навременото донесување на Буџетот ќе овозможи да се реализираат и сите други мерки и планирани активности во сферата на социјалната заштита, како најавеното покачување на пензиите, социјалната помош, исплатата на додатоци…