Владата ќе им помогне на земјоделците погодени од поплавите

Заменик министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, завчера ги посетија поплавените подрачја во општина Новаци,остварија средба со градоначалникот Лазар Котевски, претседателот на Сојузот на земјоделци Вељо Тантаров и одржа состанок со раководството на земјоделскиот комбинат “Пелагонија”.

Заменик министерот го запознавме со актуелната состојба, каква е ситуацијата со поплавените подрачја, оштетувањата, претрпените штети и слично, ја скенираше состојбата со барањата и изјавите кои земјоделците секојдневно ги поднесуваат во општина Новаци. Досега има поднесено околу 250 барања за увид врз направените штети“ – рече Лазар Котевски,градоначалник на општина Новаци.

Костадиновски на средбата посочи дека Владата ќе донесе мерки со кои ќе ги заштити и земјоделците и граѓаните кои беа најпогодените во оваа природна катастрофа.

„Сите индивидуални земјоделци и друди земјоделски организации што се погодени ќе добијат поддршка од Владата, односно, ќе им биде во некоја мера надоместено за она што им е загубено. Владата и Министерството ќе ги разгледаат барањата на земјоделците како и земјоделските компании и организации, со цел да им помогнат за загубеното – изјави заменик министерот Костадиновски. Граѓаните не треба да стравуваат дека ќе нема храна. Владата ќе донесе мерки со кои ќе бидат заштитени и земјоделците и граѓаните“ – истакна тој на средбата и додаде дека нема се остави да се направи поголемо поместување и нарушување на билансот на пазарот.

Земјоделскиот комбинат “Пелагонија” е најпогоден. Таму е под вода се 8. 500 хектари обработливо земјиште. Само од неожнеаната пченка, според нивни проценки, штетата изнесува околу 50 милиони денари. Но, како што рече директорот Томе Дафков, Комбинатот нема да се обесхрабри туку веднаш штом се создадат услови, ќе се почне со пролетна сеидба на оние површини каде тоа ќе биде изводливо.

Состојбата со поплавените подрачја ја следи и Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Внатрешно сме организирани, имаме оперативен центар кој на дневна основа информира за состојбата во поплавените региони. За да имаме целосна слика за состојбата и штетите, потребно е целосно да се повлече водата. Тогаш ќе се направи проценка за штетите, по што ќе се направат контроли и ќе се преземат и потребните мерки“ – истакна директорот на Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

На средбата, земјоделците имаа можност да изнесат свои барања и мерки со цел да се надминат целокупните проблеми со поплавите.