По неодамнешната трагедија што се случи во училиште во Конетикат, кога настрадаа 26 лица од кои најповеќе деца, се повеќе се зборува за вооружување на просветните работници. Некои сметаат дека тоа е единствен начин да се избегне повторување на масакрот во Њутаун.
Во Јута, единствената американска држава покрај Канзас во која носењето оружје во училиштата е дозволено, околу 200 наставници и други вработени во училишта, деновиве вршат обука за добивање дозвола за носење оружје, организирано од USSC Совет од Јута за стрелачки спортови, организација која го промовира носењето оружје. Оваа иницијатива привлекла 400 луѓе, но само половина од нив успеале да учествуваат во оваа полудневна обука.
Министерот за правда на Аризона предложил да им се дозволи носење оружје на наставниците, директорите и останатите вработени во училиштата. Тој предложил секое училиште да одреди лица кои ќе ја поминат обуката за ракување со огнено оружје и да се снаоѓаат во опасни ситуации слични на онаа во Њутаун.
Минатата недела, сличен закон е предложен и во Мисури.
Но, сите не ја поддржуваат оваа идеја. Некои сметаат дека носењето оружје во училниците е лош пристап кон решавањето на еден сериозен проблем, проблем кој бара длабока анализа. Исто така, некои се плашат дека доколку сите носат оружје, единствениот одговор на насилството би бил само повеќе насилство.
Републиканските пратеници во шест држави од САД веќе најавиле дека во 2013 година ќе предложат закон кој би дозволил вооружување на наставниците и професорите. Според истражувањата во САД, 58% од американците се изјасниле за построги закони за продавање и поседување оружје. Само пред два месеци тој број од истото истражување изнесувал 43%.