Денешнава прошетка по Охридската чаршија ја започнав инспириран од преубавото сончево и релативно топло време, сакајќи да го намирисам нејзиниот здив во овие преостанати часови на истекот на старата и дочекот на Новата 2013 год.
Уште од плоштадот кај чинарот ме обзеде новогодишната атмосфера, надополнета со сите оние тезги со новогодишни реквизити, на кои најповеќе им се радуваат се разбира најмладите, сакајќи да добијат уште балони, честитки и сите преостанати работи кои ги привлекуваат нивните љубопитни очиња. Продолжувам надолу по чаршијата, а во неа врвулица од луѓе, секој некаде со некаква намера, но некако се чувствувам како странец, како да не сум во сопствениот град. Во еден момент слушам некаков дијалект на македонски јазик, па се завртив и гледам една поголема група на луѓе, очигледно бугарски туристи во посета на нашиот град. Јас продолжив понатаму, а веќе некаде во долниот дел на чаршијата аудио дразба како пред неколку денови кога поминував покрај средното училиште ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ и некоја српска „надежна“ група, од калибарот на FUNKY G, ANABELA, КARLEUSA и слични на нив. На една празна тезга поставен сараунд и трешти на сите страни. Веројатно е така и во Белград, си велам, па за возврат нашите луѓе ги пречекуваат со македонска музика, само не знам дали трешти како овде во нашава чаршија.
Јас продолжив понатаму, се разбира невесел и резигниран, бидејќи не сум во тренд со новиве генерации средношколци и со чаршискиве збиднувања, прашувајќи се цело време зошто од никаде не допира до мене мојот хит „По пат одам, за пат прашам“ (Како нашата сирота и намачена Македонија конечно да влезе во НАТО И ЕУ ??? ), но тоа е веќе една друга тема, која бара поинаква опсервација и перцепција, па ќе ја оставиме за некоја следна прилика.
До тогаш ви посакувам секое добро и нека ни е среќна и бериќетна Новата 2013!!!
К. З. (читател на WebOhrid)
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.