Новогодишно обраќање на Претседателот Иванов до граѓаните на Република Македонија

Денес, новогодишно обраќање до граѓаните на Република Македонија имаше Претседателот на државата, Д-р Ѓорге Иванов.

„Во моментите кога ја исчекуваме Новата година, сите нас, нè обединуваат исти желби. Желби за многу здравје, за многу радост и за многу среќа.

Годината што заминува, беше исполнета со многу исчекувања и многу предизвици. Ова се времиња кога големите идеи и големите проекти проаѓаат низ кризни периоди. Ние не сме имуни на сето тоа што се случува во светот, и на економски и на политички план. Вие почитувани граѓани ги чувствувате тие промени, но благодарејќи на вашата мудрост и вашата сила, излегуваме секогаш поцврсти и порешителни. Секоја криза во исто време е и голем предизвик. Време за нови можности и надежи. Овие празнични моменти, се моменти, кога нè сплотува надежта. Надежта е таа што ни дава сила да опстоиме во заедничките цели. Ни дава елан и мотив за подобра иднина.

Ова се и моменти да се потсетиме дека никогаш не треба да го потценуваме тоа што го имаме. Да го почитуваме, тоа што досега сме го стекнале, како во домот меѓу блиските, така во местото каде живееме и работиме, но и во државата како целина. Нашето одговорно однесување ни дава основа да бараме и другите одговорно да се однесуваат кон нас. Разликите и поделбите не смеат да нè одвлечат од државните интереси и стратешките цели. Потребни ни се единство и сплотеност, за успешна и просперитетна Република Македонија.

Во оваа прилика, им должиме благодарност на сите кои изминатава година, дадоа придонес, да се чувствуваме горди и успешни. Секој постигнат резултат, секој освоен медал или признание е мотив за нови успеси. Успехот на секој од нас, е успех на нашата татковина. Тоа што ќе го вложиме, тоа и ќе го добиеме, а по тоа, и другите ќе не препознаваат.

Дозволете ми да ја искажам и благодарноста кон Армијата на Република Македонија и безбедносните сили, кои ги чуваат и бранат нашиот мир и нашите вредности.

Со оптимизам и сила, разумност, достоинство и чест сакам да влеземе во Новата 2013 година. Само така ќе ги постигнеме нашите цели. Јас верувам дека Република Македонија ќе биде таму каде што заслужува да биде. Затоа сите заедно да ја градиме Македонија во височина. Да ги достигнуваме највисоките стандарди и вредности.

Од се срце, во мое име, и во име на моето семејство, Ви  посакувам да ви се исполнат Вашите желби. Да имате топлина во домот и радост кај вашите деца. Животот нè научил да бидеме трпеливи, мирољубиви, солидарни. Имајте широко срце, и за давање, и за примање љубов и добрина. Почитувајте се меѓу себе, и помагајте си.

А ние, кои сме ја добиле вашата доверба и во идната година ќе продолжиме несебично да создаваме подобар и посреќен живот, за сите нас. Сепак, нека желбите бидат реални, за да бидат остварливи.

Среќна Нова 2013 година!

Нека секој од нас, ја почувствува правдината, добрината и убавината!“