Од 01.01.2013 година во ЕУ се користат исклучиво економични светилки, кои се пет пати поефикасни и трошат од 60% до 80% помалку струја од досегашните „сијалици“.
Светилките со влакно од волфрам, кои настанале кон крајот на 19 век, се повлечени од продажба во сите земји од Европската Унија.
Според некои годишни пресметки, ЕУ ќе штеди онолку струја колку што троши Романија.
Поради многу нискиот коефициент на корисно дејство на досегашните светилки, кој практично изнесува околу 5% до 10% употреблива енергија која се претвора во светлост, а останатото оди на топлина, ЕУ уште во 2008 година донесе закон за нивно постепено повлекување од продажба.
Франција во 2009 година ја забрани употребата на светилките од 100 вати, во 2010 година од 60 вати, а во 2011 година и од 40 вати. Сега нема да има во употреба ниту светилка од 25 вати.
Класичните светилки, кој ги открил англискиот научник Џозеф Вилсон Свон, а ги усовршил Томас Едисон кон крајот на 19 век, ќе бидат заменети со флуоресцентни, халогени и ЛЕД светилки.
Во иднина, во домаќинствата од ЕУ, но и во системите за јавно осветлување, ќе бидат користени современи економични светилки, како еволуирани наследници на флуоресцентните светилки во цевка, откриени уште во триесеттите години од дваесеттиот век.
Економичните светилки произведуваат силна но пријатна светлост, чиј спектар му одговара на човечкото око и троши во просек и до 80% помалку електрична енергија.
Економична светилка од 20 вати, создава светлина исто колку и светилката од Едисон од 100 вати, а нејзиниот век на употреба трае од 8 до 12 пати подолго.