Во 2012 убиени 140 новинари

140 новинари се убиени извршувајќи ги своите задачи во 2012 година, соопшти денес невладината организација за заштита на новинарите, која се наоѓа во Женева.

Според истата организација, бројот на убиени новинари ширум светот е поголем за 31% во споредба со 2011 година, кога беа убиени 106 новинари.

Во Сирија, убиени се 37 новинари од кои 13 работеа за странски медиуми, додека пак 4 се уште се водат за исчезнати.

Ситуацијата е лоша и во Сомалија каде се убиени 19 новинари, во Мексико и во Бразил по 11, а во Хондурас 6.

Според друга организација, Комитетот за заштита на новинарите со седиште во Њујорк, најмалку 67 новинари се убиени во текот на 2012 година, додека пак Меѓународниот институт за медиуми од Виена соопшти дека според нивните податоци, убиени се 119 новинари.