90 милиони денари за рибарството и аквакултурата во 2013

Рибарството и аквакултурата годинава ќе добијат финансиска поддршка од 90 милиони денари. Според усвоената програма на вчерашната владина седница, ова е највисока финансиска годишна поддршка во оваа област.

„Со ова упатуваме јасна порака за нашата доследност во делот на земјоделството, но истовремено и порака за сите инволвирани страни во рибарството и аквакултурата дека оваа област ќе продолжиме да ја поддржуваме со уште посилно темпо“, рече заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски денеска во Демир Хисар, каде оствари средба со претставници на групацијата на рибопроизводители при Стопанската комора на Македонија и здружението на рибопроизводители „Аква Фортис“.

На средбата со новинарите Коњановски посочи дека создадени се реални услови за развој на рибарството и аквакултурата како бизнис бидејќи скратени се или се поедноставени одредени досегашни процедури во оваа сфера овозможени со измените на Законот за води во делот за обезбедување на дозвола за користење на водата, како и во Законот за земјоделско земјиште.

„Со измената во Законот за земјоделско земјиште рибниците може да се легализираат или пак да се градат нови рибници на земјоделско земјиште низ многу поедноставна постапка која нема да трае 6-8 месеци туку само неколку денови за што МЗШВ ќе издава дозволи“, истакна Коњановски.

На денешната средба во селото Бабино, тој посочи дека во 2006 година не биле издвојувани средства за поддршка на рибарството и аквакултурата, во 2009 година државата вложила 43 милиони денари, во 2010 и 2011 година финансиските средства за развој на рибарството и аквакултурата изнесуваа околу 64 милиони денари, а во 2012 година 75 милиони денари.

„Ако во 2006 година биле евидентирани околу 400 тони произведена риба, сега се евидентирани повеќе од 1.600 тони произведена риба во Република Македонија“, рече Коњановски и препорача граѓаните што повеќе да ја конзумираат домашната свежа риба како квалитетен македонски производ.

Претставниците на групацијата на рибопроизводители при Стопанската комора на Македонија и здружението на рибопроизводители „Аква Фортис“  беа информирани и за можностите кои се нудат преку ИПАРД програмите и се очекува развојот на руралните средини каде вообичаено се изградени рибниците паралелно да биде придружен со развој на руралниот туризам, изградба на објекти автентични на тоа поднебје за што има средства во ИПАРД програмата и за што МЗШВ ќе излезе во пресрет и ќе даде стручна поддршка на заинтересираните рибопроизводители.