Детскиот хор „Златно славејче“ на коледе во домот на семејството Иванови

Триесетина деца од детскиот хор „Златно славејче“ денеска по повод бадник и коледарските обичаи го посетија домот на семејството Иванови. Со коледарската песна, пред вратата на претседателската резиденција „Златните славејчиња“ го најавија нивното пристигнување. На влезот ги пречекаа Претседателот Иванов, неговата сопруга Маја и синот Иван. Откако ја слушнаа “Коледе леде”, домаќините ги поканија децата во нивниот дом каде што им поделија бадникарски пакетчиња. Семејството Иванови своите гости ги почестија со сок и со посни колачиња, а децата, покрај со прегратка, им се заблагодарија пеејќи неколку новогодишни и божикни песни. Иван, синот на претседателот Иванов, заедно со златните славејчиња го збогатија прекрасниот божиќен амбиент пеејќи песна од македонскиот незаборав Тоше Проески, кој исто така во детството членуваше во детскиот хор „Златно славејче“.

„Големо е задоволството што денеска во нашиот дом, гости се „златните славејчиња“ и што со коледарски божикни песни ни го развеселуваат овој прекрасен и голем празник. Желба на секое дете е да биде коледар“, изјави Иван Иванов и додаде дека со задоволство се навраќа на целата таа приказна и на сите тие убави моменти од неговото детство кога и тој бил коледар.

„И да Ви признаам, изутринава пред да дојдете, јас бев кај дедо ми и ја испеав коледарската песна. Во нашиот дом секогаш со голема почит и со многу радости се дочекуваат овие празници, а така ќе биде и денеска, и вечерва, и утре. Ви посакувам преубави празници исполнети со многу здравје, среќа, љубов, радости, многу музика…Нека е за многу години празникот. Честит Божик!“, изјави Иван Иванов, синот на македонскиот претседател.

Изненадување за гостите беше запознавањето со домашниот миленик на Иванови. Децата од хорот „Златно славејче“ се запознаа и дружеа со шарпланинецот Алек.

Kolede1 Kolede2