Египќаните се лојални граѓани на Република Македонија, и во согласност со Уставот треба да бидат и рамноправни. Спаѓаат во категоријата ранливи етнички заедници, на кои катадневно им се заканува процесот на асимилација. Според принципите на парламентарната демократија, државата, која има намера да влезе во семејството на европските народи, треба да донесе позитивни прописи за да ги заштити. Египќаните не се правилно и соодветно интегрирани во институциите на системот и не се спомнати во преамбулата на Уставот, што од своја страна дефинитивно носи тешки последици за припадниците на оваа етничка заедница. Конкретно, се пишуваат како Роми само за да добијат стипендија и да го оформат своето образование.
За волја на вистината, Египќаните им се „симпатични и интересни само за време на избори, а после тоа…?“ Јавно им испраќам порака на сите дека е минато времето кога се играше на таа лицемерна и дволична карта. И се прашувам – зошто кога нешто сакаш да кажеш во една „демократска“ држава, без влакно на јазикот, отворено, без маска, таквиот обид се оценува како непримерен, несериозен, деструктивен, а ако сакаш да бидеш „кетман“, тогаш те третираат обратно од горенаведеното. Очигледно имаме испревртен систем на вредности, кој се надевам оваа влада ќе го исправи.
Демир Далип -предводник на ОПЕМ и овластен застапник на Египќаните за надворешна соработка
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.