Република Македонија денеска ја исплати целосно еврообврзницата земена во 2009 година и со тоа се раздолжи за 183 милиони евра.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, на тој начин се испраќа добар сигнал кон инвеститорите дека Македонија е земја со висок степен на макроекономска стабилност и целосно исполнување на сопствените обврски што, како што рече министерот, е значајно за во иднина кога ќе се пристапи кон пазарот на капитал.
„Со исплатата на оваа еврообврзница де факто на краток рок и нивото на државниот долг се намали на 28,5 проценти од БДП. Се разбира со средствата што ги обезбедивме од Светската банка и со гаранцијата од Светска банка ние ќе ги надоместиме овие средства, односно ќе го вратиме нивото на девизни резерви тогаш кога ќе пристигнат во Република Македонија“, истакна Ставрески на денешната прес-конференција во Министерството за внатрешни работи.
Тој додаде дека Република Македонија треба да исплати уште една еврообврзница во 2015 година што е земена во 2005 година и очекува да биде исплатена на идентичен начин.
За денешната аукција на државни записи, министерот истакна дека поминала стандардно и освен исплата на обврски по претходни аукции, ново и различно е што беа запишани средствата во износ од 38 милиони евра од двата пензиски фонда што се исплатија преку еврообврзницата.