Ракометарите на прием кај Претседателот Иванов

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите на Македонската машка ракометна репрезентација, во пресрет на нивното учество на Светското првенство во ракомет,  кое ќе се одржи од 11 до 27 јануари во Шпанија.

Претседателот Иванов им порача на македонските ракометари да веруваат во себе и во своите квалитети, истакнувајќи дека успесите постигнати на минатогодишното Европско првенство треба да бидат дополнителен мотив за освојување на висок пласман и на претстојното првенство во Шпанија. Изразувајќи поддршка во името на сите граѓани на Република Македонија, Претседателот им посака многу среќа и успех на македонските репрезентативци на претстојните натпревари.

Онаму каде што е репрезентацијата, таму е и Македонија. Вие сте идоли на младите генерации и благодарение на вас многу млади го одбрале и ќе го одберат спортот. Вие сте нашите најдобри амбасадори и не се сомневам дека повторно ќе направите целиот свет да зборува за Македонија, порача македонскиот претседател.

Капитенот на машката ракоментна репрезентација Кире Лазаров, заблагодарувајќи му на претседателот Иванов за времето кое, како што рече, секогаш го издвојува за нив и за спортот воопшто, истакна дека ќе направат се достојно да ја презентираат Македонија во светот. Ќе се бориме нема да калкулираме и се надеваме дека на крај сите ќе се радуваме на нашите успеси, истакна Лазаров.

По минатогодишното освоено  петто  место на Европското првенство,  Претседателот на Република Македонија ги одликуваше членовите на Македонската ракометна репрезентација со „Медал за заслуги за Македонија“, за афирмација на Република Македонија во светот со постигнатите врвни резултати во ракометот на меѓународен план, и за исклучителен придонес за развој и популаризација на овој спорт во нашата земја.

rakomet2