На синоќешната седница на Ц.О. во проширен состав на која учествуваа и пратениците од редот на СДСМ, актуелните градоначалници и кандидатите за градоначалници како и претседателите на сите општински организации на партијата, едногласно беа донесени следните заклучоци:
„На 24ти декември Владата и парламентарното мнозинство на најдиректен начин го прекршија Уставот, законот и деловникот за работа на Собранието.
Буџетот беше донесен во нелегална процедура и по 1ви јануари народните пари од страна на оваа власт се трошат на незаконит, криминален начин.
Власта со примена на грубо полициско насилство ги исфрли од парламентот опозициските пратеници и претставниците на медиумите.
Со ваквите постапки на власта Македонија дефинитивно повеќе не е ниту правна држава, ниту парламентарна демократија, туку партиско-полициска држава со тоталитарна, режимска власт.
Со случувањата во „црниот понеделник“, Собранието на Република Македонија во овој и ваков состав неповратно го изгуби легитимитетот на демократска институција и репрезент на волјата на граѓаните.
Таквиот легитимитет неопходен за нормално функционирање на парламентарната демократија може да го возобнови само народот на слободни, фер и демократски парламентарни избори.
Пратениците на СДСМ и на коалицијата Сојуз за иднината во овој состав на Собранието повеќе нема да учествуваат, освен и исклучиво во ситуација на реализација на политички договор за исполнување на неопходните предуслови и распишување на фер и демократски предвремени парламентарни избори.
Во создадените услови предизвикот со кој се соочува Република Македонија е од суштински, егзистенцијален карактер за иднината на земјата. Неопходно е враќање на уставноста и законитоста, повторно воспоставување на принципите на правната држава, возобновување на срушените столбови на слободата и демократијата, одново создавање на изгубената доверба во институциите на државата.
Без остварување на овие цели нема надеж за политичка стабилност, за економски напредок, за успешна борба против сиромаштијата и невработеноста, за наше интегрирање во НАТО и ЕУ.
Карактерот на овие проблеми е таков што тие единствено можат да се решат само со одржување на парламентарни избори и добивање на централна власт со нов демократски легитимитет.
Одржувањето само на локални избори во вакви околности само би ги продлабочило овие проблеми и би ја зголемило политичката нестабилност во земјата и тоа од неколку причини:
1. Оваа власт нема кредибилитет да организира фер и демократски локални избори. Ако пред очите на целата јавност беше подготвена да тепа избрани пратеници и тоа сред парламент што ли може да се очекува да им прави на кандидати за градоначалници и советници во предизборна кампања.
2. Одржувањето само на локални избори власта би го искористила да создава привид на нормалност, односно како алиби дека во земјата не постои проблем со кршење на Уставот и законите и газење врз основните принципи на демократијата.
3. Со свое учество само на локални избори организирани од оваа власт и во вакви околности во земјата, СДСМ би станала соучесник во дополнително етаблирање на партиско–полициската држава и легитимирање на оваа тоталитарна власт.
Од тука, ставот на СДСМ е: „локални избори само заедно со парламентарни, а парламентарни избори само ако се фер и демократски.“
Кои се условите за фер и демократски избори:
1. Тие да бидат организирани и спроведени од влада со кредибилитет и легитимитет добиен со консензуална поддршка од сите релевантни партии застапени во парламентот.
Нејзиниот мандат ќе трае само во периодот од распишување до завршување на изборите и нејзина единствена задача е објективно и законско спроведување на изборниот процес.
Посебно е важно клучните ресори и институции за изборите да бидат раководени од личности кои со својот личен кредибилитет ќе гарантираат објективност. Тоа се:
– министерот за правда
– министерот за внатрешни работи
– министерот за финансии
– директорот на јавниот сервис МРТВ
2. Измени на Изборниот закон со вградување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР
3. Целосно прочистување на избирачкиот список
Ова се нашите позиции и услови, ова е нашиот предлог за излез од длабоката политичка и институционална криза во која е доведена Република Македонија со политиките и постапките на актуелната власт.
За остварувањето и операционализирањето на овој план подготвени сме да отпочнеме разговори веднаш и во било кој формат со владејачките и останатите опозициони партии застапени во Собранието на Република Македонија.
Доколку овие предлози бидат одбиени ние нашата битка за слободата и демократијата, за правната држава и иднината на земјава ќе продолжиме да ја водиме со методите на улична демократија и сите видови на граѓански отпор се до остварување на овие цели.
Целокупната одговорност за било каков обид да се организираат било какви нелегитимни избори и со тоа за понатамошно политичко дестабилизирање на земјата, ќе ја сноси актуелната власт.“