Кривична пријава за жител од Велешта кој удрил пешак и го напуштил местото

Секторот за внатрешни работи Охрид, против лицето В.В.(41) од струшкото село Велешта, поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Истражен судија му одреди мерка домашен притвор до 30 дена.

На 30-ти минатиот месец, во 17 часот и 40 минути, на регионалниот пат Струга-Дебар кај Велешта, случена е сообраќајна незгода со смртни последици, во која сега пријавениот, управувајќи патничко моторно возило марка „Пасат“ со австриски регистарски таблици го удрил  пешакот Назиф Ж.(82) од Велешта кој се движел покрај патот од што истиот починал.

Наместо да застане и укаже помош В.В. го напуштил лице местото, а возилото го сокрил во куќниот двор. За незгодата што ја предизвикал, тој не кажал ниту на  членовите на неговото семејство.

Наредниот ден В.В.  се обидел со китирање и фарбање на возилото да ги сокрие трагите на оштетените делови и извршил делумна санација на истите.

При извршен претрес во домот на пријавениот, во гаражата е пронајдено патничкото возило со кое е предизвикана сообраќајната незгода како и предмети со кои се обидел да ги санира трагите од предизвиканите оштетувања. Истите се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.