Вевчанскиот карневал со богата програма

Традиционалниот Вевчански карневал и оваа година ни нуди богата програма и добра забава. Василичарскиот театар под отворено небо започнува со театарската претстава „Ни ваму ни таму“, на 10 јануари. Следниот ден, 11 јануари, ќе се претстави КУД „Дримкол“-Вевчани со два концерти со кои ќе ја презентира богатата македонска фолклорна традиција. Денот 12 јануари е резервиран за забавната музика со голем број музички гости како од земјава така и од странство. Забавата ќе ја отворат Пука козметика, а ќе ја надополнат Стрингс-Пламенка Трајковска квартет, Скандал састав, Верица Ристевска, за вечерта да се круниса со гостувањето на легендарните „Дивље јагоде“.

Денот пред влегувањето во Новата година, 13 јануари е резервиран за народната музика. Веселото расположение ќе го подгреат Чаки Панкерот, Спасе Матлиовски, Анета Наковска, а пред одбројувањето се тука ненадминливите Благица Павловска и Нино Величковски.

WebOhrid