Подготовка на актот за номинација на Охрид и Преспа за Прекуграничен Биосферен резерват во рамки на УНЕСКО

Во Поградец, Албанија вчера и денес се одржа работна средба за подготовка на актот за номинацијата на Охрид и Преспа за Прекуграничен Биосферен резерват во рамките на УНЕСКО. Активноста за прогласување на прекуграничен Биосферен резерват Охрид-Преспа започна минатата година со потпишување на заедничка декларација на градоначалниците на општините кои се наоѓаат во рамките на предвидениот Биосферен резерват и со потпишувањето на заедничка декларација од страна на Министрите за животна средина на Македонија и Албанија. Имплементатори на оваа активност се преставници на КФВ од Германија, преставници на УНЕСКО како и Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридското Езеро.

„Воспоставувањето на прекуграничен Биосферен резерват Охрид-Преспа има за цел заокружување на сите иницијативи и мерки за заштита и одржливост кои се спроведуваат во регионот и обединување на истиот за развој и туристичка промоција. Воспоставувањето на резерватот не значи рестрикции туку значи точно зонирање на регионот заради остварување на балансот помеѓу заштитата и развојот. Насекаде низ светот Биосферните резервати се значајни туристички дестинации и тоа сакаме да го направиме и кај нас“. – изјави Дејан Пановски, македонскиот преставник на Билатералниот секретаријат .

Според планот предвидено е номинацијата да биде подготвена до Септември 2013 година на што ќе претходат низа на консултативни средби со Националната комисија на УНЕСКО, со Комитетот Човек и Биосфера и со надлежните министерства и локални самоуправи најмногу околу прецизното зонирање на заштитените подрачја и развојните зони. Врз основа на номинацијата УНЕСКО треба да донесе акт за прогласување на прекуграничниот Биосферен резерват Охрид-Преспа.

biosferenrezervat2