Средба на претседателот Иванов со Министерот за одбрана на НР Кина

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Министерот за одбрана на Народна Република Кина, генерал Лианг Гунагли.

На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од нивото на политички дијалог меѓу двете земји, кој придонесува кон постојано унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка и изрази благодарност за континуираната поддршка што Министерството за одбрана на Република Македонија ја добива од кинеското Министерство за одбрана.

Министерот за одбрана на Народна Република Кина, искажа интерес за продолжување на билатералната соработка во областа на одбраната и во сите сфери од заеднички интерес, како и подготвеност за натамошна мултилатерална соработка во рамки на меѓународните организации.

Двајцата соговорници разменија мислење и за можностите за интензивирање  на економската соработка, при што претседателот Иванов ја изрази подготвеноста на Република Македонија за зголемување на трговската размена и соработката во областа на инвестициите, поздравувајќи ја воспоставената правна рамка меѓу двете земји.

На средбата со кинескиот министер, Претседателот Иванов упати честитки до ново избраното раководство во Кина, со надеж дека одличната соработка и натаму ќе продолжи да се развива и унапредува со несмален интензитет.