Овој период како да е популарен зборот неутрален, ама во негативна конотација. Ако не си со нас, си со нив, за нив… Не сакам да ми лепат етикети! Јас сакам да бидам неутрален и трезвено, свесно да ја согледам ситуацијата и да критикувам ако сметам дека е тоа неопходно. Може ли во кавга само еден да биде виновен?! И зошто морам да заземам страна. Па нели сме општество во кое владее демократија и секој има право да има свое мислење и став. Тука спаѓа и она кога ни едните (власта), ни другите (опозицијата) не се однесуваат според мојот здрав разум и моите сфаќања и разбирања на поимот демократија.
Во која нормална држава власта протестира против опозицијата?
Во која нормална држава опозицијата секоја месечина бара избори?
Редовно ги читам коментарите на обичните граѓани на социјалните мрежи и единствена мисла што ми доаѓа е: „Македонец на Македонецот му е волк!“
Се читаат најпогрдни зборови, а и навреди едни кон други. Мислиш се работи за живот и смрт!
Луѓе мои! За кого такви тешки зборови?! За оние кои и со скратена плата ќе земаат двапати, а и трипати повеќе од нас. За оние, на кои ние сме им ја дале довербата, а кои ја изиграле седејќи во оние удобни парламентарни фотелји и во време на својот мандат ни збор не рекле?!
Ве прашувам дали од моментот кога влегле во Законодавниот дом се сетиле на своите гласачи кои им обезбедиле место и сигурни средства за егзистенција. Мислите се сеќаваат на нас кога одат во големите супермаркети и излегуваат со полни колички? Или кога ги возат најновите модели на автомобили и џипови без да се завртат на нашите очајнички обиди за разговор.
Немате вработување, со години тропате од врата на врата, или само еден вработен во вашето семејство, а имате студент, сметки…до недоглед. Барате работа, ама сè не сте вие на ред, некој таму (партиски војник или близок пријател на факторот кој одлучува) треба да се прими.
Еден пријател пред извесно време пластично ја опиша нашата ситуација: „Во минатото важев за добар фудбалер, но никој не ме издриблал како што ме издриблаа во овој транзиционен период и власта и опозицијата“.
И сега, да се вратам на почетната мисла. Зошто да заземам страна?! За да донесам некого во удобната фотелја и му овозможам лагоден живот?!
Тие не се загрижени за иднината на Македонија и нејзините граѓани. Ако навистина се сериозни, нека седнат на маса и нека се договорат. Без инает, тврдоглавост и суета, а за доброто на овие грст напатени луѓе во нашата државичка Македонија.
Р.К. (читател на WebOhrid)
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.