Воздухот во Пекинг опасен по здравјето

Загадувањето на воздухот во Пекинг денес достигна ниво кое е опасно по здравјето на луѓето, а видливоста е сведена на стотина метри.

Резултатите од мерењето во официјалните и приватните станици покажуваат дека денешниот степен на аерозагаденоста ги надминала дозволените граници кои ги одредува Светската здравствена организација.

Во воздухот може да се осети мирис на јаглен и на издувни гасови од автомобилите, кои се најголем извор на загадувањето на воздухот, а овој тежок смог веќе неколку денови е присутен во главниот град на Кина.

Во попладневните часови видливоста во центарот на градот е сведена на стотина метри, а високите облакодери исчезнуваат во сивилото над градот.

Некои од луѓето носат маски, а непријатниот мирис се чувствува и во воздухот во затворените простории.

Според Светската здравствена организација, просечната количина на загадувачите не би требало да изнесува повеќе од 25 микрограми на метар кубен воздух. Концентрацијата од над 100 микрограми не е добра за здравјето, а ако премине над 300 микрограми, тогаш децата и постарите личности не треба да излегуваат надвор.

Официјалните резултати од денешното мерење на воздухот во Пекинг, покажуваат концентрација од 400 честички, односно микрограми на метар кубен воздух, а неофицијалното мерење на зградата на Амбасадата на САД покажува 800 честички.

Кога би се вдишиле овие честички, можат да предизвикаат респираторна инфекција, како и зголемување на степенот на смрттност од рак на белите дробови и срцеви заболувања.

Кинеските власти минатата година ја предупредија американската амбасада да не ги објавува своите податоци за аерозагадувањето. Амбасадата на тоа одговорила дека нивните резултати ги користат вработените во оваа институција и дека тие не важат за целиот град.

peking2