Новиот снежен бран во Хрватска предизвика сообраќаен хаос, висината на снежната покривка во Загреб изнесува 40 сантиметри, а од хидрометеоролошката управа најавуваат дека би можело да дојде до прогласување на елементарна непогода доколку снегот продолжи да паѓа со ист интензитет.
Јавниот градски превоз е во застој, а такси е невозможно да се добие. Поради зимските услови, сообраќајот во некои повисоки делови е запрен или во целост забранет.
Од одделението за управување со кризи се ангажираат доброволци и со соодветен план се чисти снегот по зони. Во тек е и обезбедување на опрема за чистење снег. Приоритет за чистење од снег имаат здравствените установи, школите, градинките, старечките домови, продавници.