Раднички 89-83 МЗТ Скопје

И покрај тоа што настапи без повредениот Ѓорѓи Чековски, МЗТ Скопје Аеродром одигра одлична, пред се офанзивна партија против силниот Раднички, но не успеа да дојде и до победата во неизвесната завршница. Прецизниот шут на домашните кошаркари во завршните минути, ги поставија конечните 89-83 за Раднички Крагујевац.

Натпреварот, кој воедно го комплетираше 17-то коло во АБА лигата, почна изедначено, па иако домашниот тим го имаше расположениот Ратко Варда, МЗТ со тројката на Никола Оташевиќ стигна до рано водство од 14-8. Евидентно беше отсуството на Ѓорѓи Чековски под кошевите, но Тодор Гечевски доби солидна помош пред се од Урош Николиќ, па МЗТ постојано во првиот период одржуваше едноцифрена предност. Дамјан Стојановски играше исклучително ефикасен натпревар, додека на спротивната страна Чапин, заедно со Бирчевиќ и Борисов ја предводеше играта на Раднички. Бакиќ погоди три тројки за краток период во втората четвртина кај МЗТ, но Раднички ја стегна одбраната пред крајот на полувремето и со пресврт, на пауза замина со предност од 48-42.

Добро се чуваа високите играчи на МЗТ од лични грешки и знаеја во третата четвртина да ги искористат проблемите кои Раднички ги имаше со реализацијата, па со две серии од 8-0, а потоа и 7-0, избраниците на Алеш Пипан ја вратија предноста и во последните 10 минути се замина со предност на МЗТ од 66-61. Дамјан Стојановски постигна неколку важни поени, Тодор Гечевски имаше неколку добри игри под двата коша, но Бирчевиќ ретко грешеше во шутевите од далечина, а откако на крајот му се приклучија и Чапин и Борисов, Раднички стигна до ново водство, кое го одржа во последните две минути од мечот. Реализираните слободни фрлања на домашните кошаркари не оставија многу време и можности за МЗТ и конечната победа од 89-83 остана во Крагујевац.

Дамјан Стојановски го заврши натпреварот како најефикасен играч на МЗТ со 21 поен, на кои додаде и 7 скокови и 3 асистенции, а меѓу повпечатливите беа и Николиќ со 12 поени и 8 скокови, Гечевски со 11 поени, 5 скокови и 3 асистенции, како и Дејвис кој реализираше 15 поени. И покрај отсуството на Чековски, МЗТ играше добро под кошевите, прифаќајќи 31 скок, исто колку и противникот, а „Металците“ реализираа и 11 тројки со високи 42 проценти. Кај Раднички, Александар Чапин беше најефикасен на крајот со 26 поени и 9 асистенции, Варда додаде 20 поени, а со дабл-дабл учинок заврши Бирчевиќ кој на 17-те поени додаде и 11 скокови.

Ова беше осми пораз за МЗТ кој и по ова 17-то коло останува со позитивен учинок во лигата. Сега македонскиот состав е на делба на петтото место на табелата со Унион Олимпија, Цедевита и Раднички. Во наредниот натпревар, закажан за сабота (19 јануари), МЗТ го пречекува Сплит на својот паркет во Скопје.

извор: МКФ