Заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Теута Арифи и генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската Унија, Стефано Санино на средбата синоќа во Скопје разговарале за наредните предизвици на земјата во процесот на европската интеграција.
Притоа, како што се наведува во соопштението од СЕП, соговорниците се согласиле дека последните заклучоци на Советот на министри на ЕУ се од суштинско значење за овој процес.
Вицепремиерот Арифи информирала и за тековните активности кои се преземаат од страна на Република Македонија во однос на рамката на активности поставена од Советот на министри на ЕУ чие исполнување ќе придонесе за почеток на преговорите за членство на земјата Унијата.
Генералниот директор на Директоратот за проширување на ЕУ, Санино денеска во Скопје се сретна со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, со министерот за надворешни работи Никола Попоски, со лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски, со претседателот на ЗНМ Насер Селмани, а попладне во Тетово ќе разговара и со лидерите на ДУИ и на ДПА Али Ахмети и Мендух Тачи.