Министерот за надворешни работи Никола Попоски, денеска го прими Марио Гатикер, директор на федералната канцеларија за миграции на Швајцарската Конфедерација, кој престојува во работна посета на Република Македонија.
На средбата взаемно беше искажано задоволството од позитивниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Швајцарската Конфедерација и беа разгледани можностите за нивно натамошно интензивирање во разни области од заемен интерес.
Mинистерот Попоски нагласи дека Владата на Република Македонија особено ја цени подршката и помошта што Швајцарската Конфедерација и ја дава на Македонија преку финансирање и на разни проекти посебно од областа на екологијата, здравството и образованието.
Стана збор и за појавата на злоупотреба од страна на одделни македонски граѓани на правото за безвизно патување во најголемиот дел на европските држави, а во тие рамки и во Швајцарија, преку барање азил во дел од овие земји. Во таа смисла, Министерот Попоски информира за напорите и мерките што Владата на Република Македонија ги презема на овој план, со цел за минимизирање и по можност за целосно елиминирање на ваквата појава. Како резултат на ова забележано е драстично опаѓање на бројот на баратели на азил од Република Македонија во Швајцарија, па така ако во август 2012 година биле поднесени 258 барања, во ноември таа бројка била сведена само на 11 барања.
Марио Гатикер ги поздрави напорите и мерките на Владата на Република Македонија за елиминирање на појавата на лажните азиланти, нагласувајќи ја потребата од перманентни активности на овој план.
На средбата стана збор и за аспирациите на Република Македонија за целосна интеграција во ЕУ и во НАТО, како и за конкретните активности и достигања на овој план. Двајцата соговорници, исто така, разменија мислења за актуелните состојби во нашиот регион.