Запленети над 1000 икони во Тирана

Aлбанската полиција запленила над 1.000 верски предмети и други уметнички дела, кои датираат од 15 век до средината на 20 век. Уапсени се две лица кои планирале иконите да ги продаваат во странство.

Украдените 1077 икони, фрески и други уметнички дела, потекнуваат од југоисточна Албанија како и од Македонија, се наведува во соопштението од полицијата во Тирана. Иконите се пронајдени во две куќи во центарот на градот.

Вредноста на иконите сеуште не е утврдена. Според портпаролот на Министерството за култура на Албанија, украдените уметнички дела најверојатно биле наменети за продажба во други балкански земји, како и земји од Западна Европа.

Албанскиот премиер Еди Рама ја поздрави акцијата на полицијата и упати апел до сите институции и жители, за да се спречи ограбувањето на културното наследство.