Фирмите кои во изминатата 2012 година вршеле исплати на граѓани по основ на откуп на земјоделски производи имаат обврска до УЈП да достават Годишен извештај за исплатени приходи при откуп на земјоделски производи од физички лица (образец “ПДД-ГИ/ОЗП“).
Во Годишниот извештај “ПДД-ГИ/ОЗП”, фирмите ги пријавуваат податоците за физичките лица од кои вршеле откуп на земјоделски производи, шифра на дејност од НКД според дејноста која ја обавува физичкото лице и износот на исплатениот приход.
Пополнетиот Годишен извештај, фирмите треба да го достават до даночните канцеларии на УЈП (според седиштето на даночниот обврзник) или по електронски пат преку е-Даноци https://etax-fl.ujp.gov.mk најдоцна до 15 февруари 2013 година, кога истекува и законскиот рок за исполнување на оваа обврска. Образецот може да се преземе и преку веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/102
Доколку до 15 февруари, фирмите не достават Годишен извештај (“ПДД-ГИ/ОЗП”) за исплатите на граѓаните по основ на откуп на земјоделски производи, законот предвидува глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност, а за направениот прекршок на одговорното лице на фирмата, пропишана е глоба во износ од 750 евра во денарска противредност.