Здружената опозиција, утре (петок), во Охрид организира „Марш за слобода“, со кој продолжува да го изразува своето граѓанско незадоволство од владеењето на актуелната власт на чело со ВМРО- ДПМНЕ.
Зборното место на учесниците на „Маршот за слобода“ ќе биде во 17 часот и 30 минути пред седиштето на ОО на СДСМ на Булеварот „Туристичка“, а во 18 часот поворката ќе тргне по „Туристичка“ до Градскиот пазар, па ќе заврти по улицата „Македонски просветители“ и ќе пристигне на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“. На големиот граѓански протест ќе се обратат претседателот на СДСМ Бранко Црвенкоски, градоначалникот Александар Петрески и претставници на политичките партии на здружената опозиција.