Меѓународна конференција за културно наследство, туризам и медиуми

На Факултетот за туризам и угостителство, денеска започна со работа првата Меѓународна конференција за културно наследство, медиуми и туризам. Конфенцијата, под покровителство на Општина Охрид ја организира Институтот за социо-културна антропологија од Скопје во соработка со Универзитетот за аудио-визуени уметности ЕСРА и Евро- азиската академија за телевизија и радио од Москва – Русија.

На свеченото отворање на овој научен собир, на кој ќе бидат презентирани 51 труд од 63 домашни и странски научни работници, зборуваше и градоначалникот Александар Петрески, кој на учесниците  им посака успешна работа и пријатен престој во Охрид.

„Добредојдовте во Охрид, најважниот туристички и културно-историски центар во Република Македонија . Добредојдовте во градот во кој над седум илјади години има континуиран живот, градот во кој сите цивилизации оставале траги кои и сега се видливи. Токму одовде, Светите  Климент и  Наум Охридски почнале да ја шират сесловенската писменост и култура и тука е отворен еден од најстарите универзитети во Европа.

Охрид и Охридското Езеро, се под заштита на УНЕСКО како ретко, светско културно и природно наследство. Ние како генерација сме обврзани да го чуваме и афирмираме ова богатство и да го промовираме пред светската јавност и тоа успешно го правиме. Должни сме, оваа древност која со милениуми била крстосница  на цивилизаците, да ја претставиме не само пред меѓународната стручна јавност туку и пред граѓаните и да ја ставиме  во функција на развој на туризмот.

Со оваа меѓународна конференција за културно наследство, медиуми и туризам, очекуваме дека ќе се  збогатиме со бројни научни сознанија и искуства за остварување на нашите стратегии за заштита на културното наследство и  неговата презентација. Имаме позитивни искуства на овој план, а посебно сакам да го истакнам нашето партнерство во проектот СУСКУЛТ, кој се реализира со средства од европските фондови, а носител е градот Венеција од Италија. Посебни резултати очекуваме и од проектите кои наскоро ќе ги реализираме заедно со градовите кои се под заштита на УНЕСКО.

За Охрид велат дека има специфичен амбиент кој предизвикува душевен мир и инспирација. Вашето присуство во Охрид, искористете го да посетите дел од мноштвото културно-историски знаменитости и почуствувајте барем дел од тој редок амбиент. Ви  посакувам убавите впечатоци да ги понесете со вас и убавата охридска приказна да им ја раскажете на вашите блиски и пријатели“ – рече во своето обраќање, градоначалникот Александар Петрески.