Претседателот Иванов го посети МНР

Претседавањето со Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и подготовките околу Форумот за дијалог меѓу цивилизациите, чиј домаќин годинава е Македонија, беа теми за време на денешната посета на претседателот на државата Ѓорге Иванов на Министерството за надворешни работи.

„Оваа средба е пред се посветена на она што не очекува како голем настан во годинава, а тоа е претседавањето со Процесот на соработка во ЈИЕ и Форумот за дијалог меѓу цивилизациите. Тие два настана ќе ја одбележат годината и ние мораме да излеземе за сите тие прашања што веќе се отворени во тој процес и да го дадеме нашиот придонес. Така што, сега ќе разговараме и со политичките директори, тие се најнадлежни за сите аспекти на процесот“, изјави Иванов.

 Тој во МНР разговараше со министерот за надворешни работи Никола Попоски, со членови на Министерството и со политичките директори, во рамки на, како што рече, воспоставената практика да се одржуваат средби за сите прашања од надворешната политика.

 „Сакаме да се покажеме како добри претседавачи бидејќи ги имаме на дневен ред прашањата кои се на некој начин и одбележани со оваа година. Знаете, имаме година кога беше земјотресот во Скопје и затоа темата ни е посветена за сите природни катастрофи и како регионот да се справува со сето она што е предизвик од она што е виша сила“, рече Иванов.

Република Македонија го презеде едногодишното престедавање со ПСЈИЕ од Србија во јуни, минатата година.