2015-та ќе биде година на градежна експанзија во Охрид

На почетокот од 2015 година во месец март или април, општина Охрид започнува со реализација на крупни инфрастуктурни проекти пред се во делот на градба, односно реконструкција и адаптација на неколку главни сообраќајници. Ќе се започне и со градба на капитални објекти во Охрид.

Градоначалникот Никола Бакрачески обелодени дека во наредната година ќе бидат изградени пет кружни текови. Од нив од нив два ќе се градат со средства од Светска Банка а останатите три ќе се градат со пари од буџетот на Општина Охрид.

„Двата кружни токови кои ќе бидат на улица Туристичка ќе ги изградиме со средства од Светска Банка. Едниот е на раскрсницата на која се пресекуваат улиците: „Туристичка“ и „Бистрица“. Другиот кружен тек ќе биде на раскрсницата помеѓу „Туристичка“ и „Македонски просветители“, објасни градоначалникот посочувајќи ги деталите за трите кружни текови кои со сопствени средства ќе ги изгради општина Охрид.

„Едниот ќе биде на пресекот меѓу улиците „Туристичка “ и „Абас Емин“ вториот ќе биде на пресекот меѓу „Туристичка“ и „Јане Сандански“ а третиот кружен тек ќе биде на пресекот меѓу улиците „Туристичка“ и „Стив Наумов“. Ќе бидат реконструирани пет улици со изградба на атмосферска канализација во населбите Далјан и Воска. Ќе се гради улицата „Илија Смически“ во Лескоец кој беше еден од најсериозните проблеми со која се соочуваа граѓаните на оваа урбана заедница во изминатите неколку години. Исто така ќе се набават неколку современи возила за ЈП „Охридски Комуналец’,“ додаде Бакрачески.

Во наредната година се очекува да се започне со градба на неколку капитални објекти во Охрид.

„Очекуваме на крајот од оваа или почетокот од наредната година да се започне со изградба на затворениот зелен пазар кој што е планирано да се гради во траење од 24 месеци. Други два крупни а ветени проекти кои ќе ги реализираме се катна гаража и доколку најдеме инвеститор ќе започнат градежните активности за изградба на современа автобуска станица. Во наредната година ќе започне изградбата на затворениот пливачки базен“, потенцира градоначалникот Бакрачески.

Според најавите во 2015 година Охрид ќе биде големо градилиште и тоа пред се во делот на инфра структурни објекти кои години наназад требаше да ги има Охрид.