Нова истрага за смртта на Борис Трајковски

Министерот за транспорт и врски на Босна и Херцеговина, Дамир Хаџиќ, ја потпиша одлуката за формирање истражен тим кој ќе ги проверува и утврдува сите информации во врска со смртта на Борис Трајковски, собрани во последните шест години.

Новиот истражен тим е составен од 15 стручни лица од БиХ, Хрватска и Македонија со консултанти од САД, а формиран е поради многуте нови докази кои ги има собрано македонскиот експертски тим.

Нема временска рамка за оваа истрага, но се проценува дека истрагата ќе заврши во рок од 6 месеци до најмногу една година.

Во несреќата што се случи на 26 февруари 2004 година кај селото Битуње близу Мостар, погинаа претседателот Борис Трајковски, Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.

Веднаш по несреќата експертска комисија ја истражуваше оваа несреќа, а резултатите ги достави до Владата на Република Македонија. Меѓутоа, Владата незадоволна од оваа истрага, формираше нов тим од 12 експерти кои во изминатите 6 години нашле доволно нови докази за отпочнување на уште една истрага.