Секторот за внатрешни работи Охрид, пронајде и приведе три лица романски државјани, кои заедно со уште три други, вчера извршија тешка кражба во златарницата „Прима Голд“ во охридската чаршија. Против шест члената група романски државјани, поднесена е кривична пријава поради постоење на основи на сомнение дека сториле едно кривично дело „Тешка кражба“.
Лицата А.Л.(23) А.Р.(32) и М.Ф.Р(16) се приведени непосредно по тешката кражба извршена вчера во златарницата „Прима Голд“. Од страна на истражен судија на трите романски државјанки, одредена им е мерка притвор во траење од 24 односно 48 часа. СВР Охрид, презема дополнителни мерки за пронаоѓање на други три лица кои моментно се во бегство.
Тешката кражба е извршена вчера околу 15 часот, кога во златарницата, заедно влегла шест члената група. Додека дел од нив со разни прашања за накитот и цените, се обидувала да и го одвлече вниманието на вработената, останатите успеале од стаклениот пулт со изложен накит да одземат прстени, наруквици и друг златен и сребрен накит.
Секторот за внатрешни работи Охрид, презема интензивни мерки за пронаоѓање на другите три лица членови на романската група, која во текот на вчерашниот ден со патничко моторно возило пристигнала во Охрид. Веднаш потоа, тие разгледале неколку златарници во чаршијата по што, во „Прима Голд“ ја извршиле тешката кражба.