Изминатиот викенд запленети се цигари, храна, индустриски производи, техника и фалсификати

Минатата недела и викендот, царинските службеници открија неколку прекршоци, при што се задржани цигари, храна, текстил, лаптопи, индустриски производи, техника и фалсификати, а откриен е и еден случај на избегнати увозни давачки при увоз на машина за преработка на млеко со погрешно тарифирање.

424 кг прехрамбени производи и 45 штеки цигари:

– 324 килограми непријавено трпезно грозје се откриени на царинската испостава Гевгелија при детална контрола на трпезно грозје пријавено за увозно царинење за фирма од Скопје. Царинските службеници пронашле 40 гајби (324 кг) вишок трпезно грозје, кое увозникот не ги пријавил. За ваков вид стока потребни се и дозволи од Државен инспекторат за земјоделие и од Агенција за храна. Стапката на царинските давачки за увоз на трпезно грозје е 50%, а стапката на ДДВ е 5%. Малопродажната цена на трпезното грозје во овој период достигнува и до 350 денари по килограм.

– 31 штеки цигари (22 Mеrylin slims и 9 Eva slims) без контролни маркички, откриени во кровот и шал-таблата на бугарски автомобил, пријавен на излез од државата на граничниот премин Деве Баир.

– 14 штеки цигари WINSTON, LUCKY STRIKE и ASHIMA со косовски контролни маркички, 40 кг суџук, 50 кг павлака и 10 кг зачин Vegeta се откриени во српски минибус, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце.

 Текстилен репроматерјал

– 1.054 килограми вишок непријавен репроматерјал за текстилната индустрија е откриен во турски камион, кој на царинската испостава Штип бил пријавен за увозно царинење. При истовар на оцаринетата стока, констатирано е дека 54 ролни воопшто не се пријавени. Според документацијата, вишокот бил наменета за ре-експорт за Бугарија.

 Техничка стока

– 3 лаптоп компјутери, откриени кај косовски државјанин кој на Аеродромот Александар Велики во Скопје пристигнал со лет од Дубаи. Патникот не пријавил ништо за царинска контрола, но пр преглед на неговиот личен багаж се пронајдени трите лаптоп компјутери.

– 1 лонец за издувни гасови за автобус, откриен на граничниот премин Богородица при контрола на автобус со македонски регистарски ознаки. Непријавената стока, сопственост на патник во автобусот со македонско државјанство, била пронајдена во просторот за багаж на автобусот.

 Фалсификати

Поради сомневање дека стоката повредува права од интелектуална сопственост на заштитени трговски марки  на граничниот премин Богородица, привремено се задржани 120 пара патики со лого на Nike, откриени во македонски камион, пријавен за влез во државата. Возилото било натоварено со стока со потекло од Дубаи, наменета за увозник од Скопје.

– 261 пар тренерки со лого на Adidas, Nike, Puma, откриени во македонски камион пријавен за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1. Возилото било натоварено со стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Струмица.

– 17.280 парчиња бричеви со лого на MAX III, откриени при контрола на македонски камион, пријавен за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. Возилото било натоварено со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Штип.

Откриен е нов обид за избегнување увозни давачки во износ од 87 илјади денари со погрешно тарифирање на стоката. Имено, царинските службеници од царинската испостава Скопје 2, при контрола на машина за преработка на млеко која фирма увозник од Скопје ја пријавила за увозно царинење утврдиле дека не се работи само за машина за преработка на млеко, туку само за нејзини делови кои се распоредуваат во посебни тарифни броеви со поголеми царински стапки и стака за ДДВ од 18%.