Маж на возраст од 62 години од Тетово со детектиран вирус на грип од типот А (H1N1) почина вчера на Клиниката за инфективни болести.
Доктор Сања Маринковиќ од Клиниката за инфективни болести информира дека лицето имало хронични заболувања, претходно седум дена се лекувало дома, а 20 часа престојувало на Клиниката.
Раководителката на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство Јованка Костовска, изјави дека од понеделникот до денеска има 22 нови случаи со вирус на грип од кои 19 се од типот А, а три се од типот Б. Од тие 19, 14 се со тип H1N1, а пет со вирус на грип од типот на H3N2.
Од податоците од Институтот за јавно здравје кои ги имаме добиено во текот на денешниот ден, вкупна бројка на пријавени случаи со симптоми на грип до денес е над 1.750 лица од кои само во последната недела 750. Тоа е знак дека бројот на заболени од грип се зголемува. Во следниот период ќе очекуваме уште поголем број заболени. Заболените се од Скопје, Струмица, Куманово и Тетово“, рече Костовска, додавајќи дека вкупниот број на позитивни примероци е 40 од вкупно 65 испитани случаи.