Кривични пријави за лажен стечај и злоупотреба на службени положби и овластувања

Поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување, Фалсификување или уништување деловни книги и Лажен стечај“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против З.Л.(48) од Охрид, сопственик и управител на ДОО „Гранд метал“ и ДОО „Браник2004“. За кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ кривична пријава е поднесена и против Ц.Ц. (55) генерален директор на АД„Слобода“,  Д.В. (56) секретар во општина Охрид и Р.С. (53) судија во основниот суд во Охрид.

Управителот З.Л. во писмен акт од 2010 година, до основниот суд во Охрид поднел писмен акт со лажни податоци дека неговата фирма „Браник 2004“ и должи пари на фирмата „Гранд метал“ која исто така е во негова сопственост. Тој од судот побарал судско порамнување во кое два објекти со површина од 710 м2 во сопственост на А.Д. „Слобода“ и лицето В.А. требало да се пренесат во сопственост на пријавениот управител З.Р. и неговата фирма „Гранд метал“. Двата објекти, во периодот од 2007 до 2010 година, ги користела општината Охрид, која ги закупила од сопственикот В.А. за што плаќала годишна закупнина од 4890 евра. Пријавениот управител, во постапката во судот добил само евидентен, а не и имотен лист кој го употребил за приватизација и легализација на објектите и земјиштето. Со нивната продажба во 2011 година,  управителот З.Л. остварил противправна имотна корист од 105.400,оо евра. Заради избегнување неисплатени долгови кон доверители и даноци кон државата, управителот З.Л. поднел барање за стечај на неговата фирма ДОО „Браник2004“, а целиот имот да премине кај неговата друга фирма. Пријавениот директорот на АД „Слобода“ нештитејќи ја компанијата, дозволил губење на имотот односно натамошна продажба и пренесување на други правни и физички лица. Со тоа предизвикал штета од 46.933 евра.

Пријавениот секретар во општината Охрид, без никаков правен основ, наредил предавање на клучевите од двата објекти на З.Л. иако знаел дека истите се закупени од општината Охрид и дека за тоа, општината плаќа годишна закупнина од 4890 евра. Со тоа, тој му овозможил на З.Л. да изготви геодетски елаборат, легализација и приватизација на објектите како и нивно користење од управителот З.Л. и неговата фирма иако за нив општината плаќала закупнина. Судијата во основниот суд во Охрид, во 2010 година го склучил судското порамнување побарано од управителот З.Л. без обезбедување имотен лист, договор, пресуда или друг правен акт за сопственост на објектите. Со тоа, пријавениот судија свесно му признал право на сопственост на објектите на предлагачот ДОО „Гранд метал“ претставувано од пријавениот управител З.Л.