Владата на минатата седница ја усвои информацијата на Фондот за здравство со која се дефинираат процедурите, механизмите и буџетот за реализација на мерката Најмногу 200 евра за болничко лекување во странство.
Оваа мерка беше дел од изборните ветувања, и од почетокот на оваа година таа стапи на сила, со што оние пациенти на кои им е потребен ваков вид на лекување поднесуваа пријави за нејзино користење. Сега со комплетното дефинирање граѓаните кои имаат потреба од неа ќе може и ефективно да ја ползуваат и искористат.
Процедурата за стекнување со ова право останува иста како и претходно со тоа што пациентите ќе плаќаат личен трошок во болничкото лекување во странство најмногу 12 000 денари, без разлика колку е вкупната сума на чинење на лекувањето. За некои интервенции во странство се потребни и повеќе стотици илјади евра, односно лично учество на пациентот и до неколку десетици илјади евра, но од оваа година пациентот ќе плаќа само 12 000 денари, а остатокот од трошокот колкав и да е ќе го плати државата.
Во постапките за остварување на правото за лекување во странство во прв степен одлучува директорот на Фондот врз основа на мислењата на првостепена односно второстепена лекарска комисија за лекување во странство. Против решението донесено во прв степен, осигуреното лице има право на жалба до Управниот одбор на Фондот во рок од 15 дена од денот на приемот на решението. Новина е формирањето на работна група во ФЗО од стручни лица, доктори по медицина, кои за секое лекување изготвуваат резиме за комисиите, во кое дава осврт на сегашната здравствена состојба на осигуреникот, како и минатите заболувања и неговиот третман во здравствените установи во Република Македонија, како и Комисија за стручен надзор од одделни медицински дејности во Министерството за здравство, што ќе е од помош за процесот, и ќе овозможи механизам со кој ќе се обезбеди соодветно користење на средства, и нивна алокација на лицата на кои им се најпотребни.
Уште една новина од оваа година е тоа што пациентите на кои не може да им се даде услуга во јавното здравство, сега доколку е можно, нема да требаат да одат во странство на лекување, туку таа услуга ќе може да ја спроведат во приватните болници во Македонија. Лекувањето во приватните болници ќе биде во стандардите кои ги има во странство, со користење на опрема, протоколи и кадар кој за одредени интервенции ќе биде носен и од странство. ФЗО ќе плаќа по цени за странско лекување и ќе очекува токму таква здравствена услуга. Тоа се дефицитарни интервенции во јавното здравство, кои поради спецификата на работата и кадарот пак ги има во приватното здравство.
-„Филип Втори„ и „Систина“ клиничка болница – за здравствени услуги кардиоваскуларна хирургија, детска кардио- хирургија
-„Систина“ офталмологија и „Европска очна болница“(Europian eye hospital) – операција на катаракта по Фако метода, витректомија, аблација на ретина и замена силиконаско
-„Ремедика“.
За оваа цел ФЗО, усвои процедура со која овозможи реализација на склучените договори со приватните болници за конкретни услуги и рамковни договори. Доколку некоја интервенција нема да може да се обезбеди во јавно здравство, ФЗО ќе испрати понуда до приватните болници, и доколку тие може да ја извршат, тогаш пациентот нема да треба да оди во странство, затоа што услугата ќе ја добие во Македонија, а во случај да не можат пациентот ќе се упати во странство. Со ова ќе се отворат можности наместо во странство лекувањето да биде во земјата што има поволности за пациентот и неговото семејство, позната средина, доверба, познавање на јазици, помалку трошоци.
Трета работа е што Владата ги задолжи МЗ и ФЗО, врз основа на Листа на здравствени услуги за кои најчесто осигурениците се упатуваат на лекување во странство, да направат анализа со посебен осврт на за потребите и опциите за вложувања во опрема и едукација на соодветен кадар во здравствените установи како би се овозможило истите да се вршат во Република Македонија.
Оваа мерка за Најмногу 200 евра партиципација за болничко лекување во странство ќе е од корист за граѓаните и е едно сериозно олеснување за многу пациенти. Во изминатите 6 години на лекување во странство оделе помеѓу 200 и 400 лица. Во 2012 година околу 200 лица. Со оваа мерка веќе нема да има тензија во семејствата на пациентите во насока на обезбедување на средства, бидат потребни организации на хуманитарни настани за собирање на средства, кредити, продажба на имот, бидејќи целокупното лекување, освен партиципацијата од 200 евра ќе ја подмирува државата. Затоа и Владата го зголеми Буџетот на ФЗО од 150 000 000 денари во 2012 година, на 230 000 000 денари во оваа година, средства со кои ќе се задоволат потребите на пациентите. И покрај огромната поволност која се овозможува, искрено се надеваме дека што помал број на пациенти ќе имаат потреба да ја користат, односно нема да имаат причина за тоа, и посакуваме граѓаните да имаат добро здравје и да немаат потреба од лекувања.