Мини торнадо ја погоди Австралија

Мини торнадо го погоди источното крајбрежје на Австралија, соопштија денес австралиските служби и предупредуваат дека се можни поплави во Квинсленд.

Премиерот на Квинсленд Кампел Њуман изјави дека силното невреме предизвикало голема штета во близина на градот Бундаберг, околу 300 километри северно од Бризбејн, при што повредени се неколку луѓе.

Квинсленд веќе со денови се соочува со обилни врнежи по налетот на тропскиот циклон Освалд, а има и предупредувања на можни поплави во Бундаберг и во регионот јужно од тој град.

Квинсленд на почетокот од 2011 година го погодија катастрофални поплави кои однесоа повеќе од 30 животи, а беа поплавени повеќе илјади куќи.