Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, на покана на министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров од 28 до 31 јануари оваа година ќе престојува во официјална посета на Руската Федерација.
Покрај средбите и разговорите со својот домаќин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот Попоски меѓу другото ќе оствари средба со претседателот на Комисијата за меѓународни работи во руската Дума, Пушков, и со копретседателот на Мешовитата комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка Травников. Воедно, во Трговско-индустриската комора на Руската Федерација ќе биде одржан деловен форум и презентација на економските потенцијали и можности за водење бизнис во Република Македонија.
Се очекува на средбите и разговорите на министерот Попоски со високите руски соговорници да бидат разменети мислења за најактуелните билатерални прашања од интерес за двете земји, со посебен акцент на економската соработка, трговската размена и можностите за директни руски инвестиции во Република Македонија. Особено внимание ќе биде посветено на прашања поврзани со реализација на проектите за изградба на крак на гасоводот “Јужен потoк” за испорака на гас и гасификација на Република Македонија.