Американските истражувачи стигнаа до езерото под антарктичкиот мраз

Американски истражувачи успешно стигнаа до водена маса која се наоѓа на длабочина од скоро километар под антарктичкиот мраз.

Научниците соопштија дека нивните сензори осетиле промена на притисокот, што значи дека дупчалката дошла во допир со вода. Потоа низ отворената дупка пуштиле камера за да го потврдат достигнувањето.

Проектот „Вилијамс“ е еден од неколкуте слични обиди да се стигне до езерата кои се наоѓаат под антарктичкиот мраз.

Британскиот тим во декември, поради технички проблеми се откажа од обидот да го продупчи мразот до езерото Елсворт. Русите успеаа да земат примерок од водата во езерото Восток, но сеуште немаат објавено резултати од анализата.

Езерото Вилијамс се наоѓа во западниот дел на Антарктикот, на јужниот раб од Росовото море. Научниците го дупчеа мразот со врела вода и направија дупка со пречник од 30 сантиметри.

Тие низ дупката треба да спуштат опрема за земање на примерок од водата и сензори за условите во езерото. Некои примероци ќе бидат веднаш испитани во импровизирана лабораторија, а другите ќе бидат испратени на подетални анализи до универзитетите кои се дел од овој проект.